Двете екипи се со една желба, а тоа е трофеј, но коефициентите покажуваат кој тим е фаворит

Екипите на Тиквеш и Воска спорт вечерва од 19 часот на арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го играат можеби најважниот меч во клупските истории на двата тима. Тиквеш и Воска првпат се дел од финалето на Купот на Македонија, а по завршувањето на средбата, еден од двата тима ќе се радува на големиот трофеј.

Александар Вареловски верува дека најуспешната сезона на Тиквеш ќе биде завршена со трофеј и настап во европските купови.

„Мора да бидеме сконцентрирани во текот на сите 90 минути бидејќи немаме право на грешка. Имаме успешна сезона, го освоивме четвртото место во првенството и се надеваме дека сезоната ќе ја заокружиме со излез во трофеј и излез во Европа“, вели Вареловски.

Овие две екипи сезонава одиграа три меча, во кои двапати во Кавадарци беше нерешено (1:1, 0:0), додека на пресметката во Охрид, Тиквеш победи со 3:1. Играа и во мај 2022 година во плејофот за Прва лига, а тогаш Тиквеш како прволигаш со 4:1 ја победи Воска, која тогаш беше дел од Втората лига.

Резултатот во финалето во многу ќе зависи од одбраната на двата тима, а Воска на својот гол го има искусниот Константин Захов.

„Воска е млад клуб, но ние како играчи сме искусни. Нема што да загубиме и не е тајна дека сакаме да го освоиме трофејот. Се надевам дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваат по завршување на финалето“, вели Захов.

 

- Оглас -

Најнови вести