Со дуелите Тиквеш – Македонија Ѓорче Петров и Арсими – Шкупи, попладнево стартува осмото коло во Првата македонска фудбалска лига.
Во Кавадарци, домашните ја бараат втората победа сезонава, но Лавовите се во форма, имаат три победи во последните четири кола. Тиквеш заедно со Шкупи се најнеефикасни екипи во лигата, кавадарчани на ниеден меч сезонава не постигнаа повеќе од еден гол.
„Фенерџијата“ Шкупи гостува кај Арсими, а тука фаворит на хартија е тимот од Чегране кој се надева на првата домашна победа како прволигаш. Чаирчани уште немаат освоено бод после седум кола и се надеваат дека може да ја продолжат црната серија на Арсими од три порази по ред на свој терен во Гостивар.