Во текот на денов, пред затворањето на зимскиот преоден рок, Астон Вила ќе го освежи својот состав со двајца офанзивци, тоа се Маркус Рашфорд и Марко Асенсио. Двајцата денеска треба да пристигнат на лекарски прегледи во Бирмингем, по што ќе следуваат потписи.
Рашфорд и Асенсио ќе играат за Вила како позајмени. За Рашфорд, договорот е клубот од Бирмингем да покрива 70% од неговата плата до лето, кога ќе има опција да го откупи од Манчестер јунајтед за 40 милиони фунти, што е околу 48 милиони евра.
На Асенсио кој е играч на Пари Сен Жермен, англискиот тим ќе му ја плаќа целата плата до јуни, но без можност да го откупи на лето, туку Шпанецот ќе треба да се врати во Париз.
Вака менаџерот Унаи Емери доби две големи засилувања во продолжението на борбата на повеќе фронтови. Вила е во осминафиналето во Лигата на шампионите и го чека ривалот од плејофот (Клуб Бриж или Аталанта), додека во Премиер лигата се осми со 37 бодови, само четири помалку од четвртопласираниот Сити.
Рашфорд и Асенсио имаат можност да дебитираат следниот викенд, кога Тотенхем ќе им гостува на „Вила Парк“ во ФА Купот.