Талентите на Ајакс се пласираа во четвртфиналето од младинската Лига на шампиони откако во драматичен меч го елиминираа Атлетико Мадрид. По 90 минути на мечот во Холандија, немаше погодоци, па мораше да се шутираат пенали.
Непосредно пред да заврши средбата, односно во 93-тата минута, Ајакс направи интересна измена. Од игра беше повлечен првиот голман, а на негово место влезе резервниот чувар на мрежата Дан Рајзигер. Се работи за 18-годишен голман во кого тренерот Џон Хаитинга очигледно имаше многу доверба.
Рајзигер беше ставен за да ги брани пеналите и тоа се покажа како одличен потег. Голманот на Ајакс успеа да одбрани три удари од белата точка во пенал-рулетот кој траеше дури осум серии. Откако го одбрани пеналот во осумата рунда, голманот Рајзигер реши самиот да ја преземе одговорноста и да шутира пенал. На крајот, успеа да погоди и го одведе својот тим во четвртфиналето од младинската Лига на шампиони.
Во четвртфиналето се пласираше и Бенфика, која со 4:1 славеше против Ливерпул, додека дуелите меѓу Аталанта – Лион и Интер – Рен беа одложени поради стравот од Коронавирусот во Италија.