Е ова е удар по џеб – Ковид-19 им блокира трансфери од 350 милиони евра

Двата португалски гиганти Бенфика и Порто ќе загубат веќе договорени трансфери за вкупна сума од околу 350 милиони евра, се пожалија двајцата претседатели на првопласираните екипи во португалското првенство.

Бенфика, која е најтрофејна екипа во земјата со 37 титули, веќе имала договрени два трансфери вредни 200 милиони евра, а од Порто се пожалија дека пандемијата со ковид-19 им блокирала продажба на фудбалери што била веќе договорена за сума од 147 милиони евра.

„Ги слушнав поплаките од колегата Луис Фелипе Веира за двата пропаднати трансфери поради пандемијата. И ние сме тука некаде блиску до сумата од 200 милиони евра. Нема да кажам за кои фудбалери се работи, но ни пропаднаа трансфери вредни 147 милиони евра. Да си одеше сè по нормален тек, немаше воопшто да се грижиме за какви било финансиски проблеми. Но вирусот зема замав и договорените продажби пропаднаа. И ситуацијата не е таква само во Португалија“, истакна Пинто да Коста, претседателот на Порто.

Овие два клуба се вистински расадник за квалитетни фудбалери и се во Топ-10 според продажбата на играчи и вредноста на нивните трансфери.

Ланското лето Бенфика со продажбата на Жоао Феликс на Атлетико Мадрид го оствари рекордниот трансфер во тој преоден рок и инкасираше 120 милиони евра.

 

- Оглас -

Најнови вести