Со враќањето на клупскиот фудбал по завршување на Светското првенство, мајсторите за обложување повторно стапија на сцена и почнаа да остваруваат одлични добивки. Продолжувањето на сезоната во англиските, француските, шкотските, турските, белгиските, но и на првенството во Јамајка, на двајца обложувачи, во Велес и Вевчани, им донесоа добивки од речиси 3.000 евра.
Во објект на Sport Life во Велес, обложувач уплати 30 денари и си заработи 207.140 денари бруто, односно нето-добивката изнесува 176.073 денари.
Велешанецот одигра „школски тикет“ со 16 натпревари на кои играше на конечен тип и на голови, а беше посигурен кај фаворитите, каде што бараше да слават со „кец во кец“.
Беше убеден во победи на фаворитите Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челзи, Монако, Лил, Лион, Сент Труден, Фенербахче и Башакшехир и не погреши.
Неизвесно беше на мечот меѓу Оксер и Монако, каде што гостите голот за триумф од 2:3 го постигнаа во 85-тата минута. Обложувачот почувствува дека тимот на Енис Барди, Трабзонспор, нема да слави и одигра да има три или повеќе голови и не погреши. Трабзонспор доживеа убедлив пораз од 4:1 на гостувањето кај Карагумрук.
МБАПЕ СО ГОЛОТ ВО 95-ТАТА МИНУТА ДОНЕСЕ ГОЛЕМА ДОБИВКА ВО ВЕВЧАНИ
Во Вевчани играч во Sport Life за уплата од 100 денари, погодил 16 натпревари и си освои 180.712 денари бруто. Тој играл различни игри, конечен тип, конечен тип со голови, како и неколку различни игри на голови (ГГ, 3+, Т1 1+, 2+).
Обложувачот имал и голема доза на среќа бидејќи на два натпревари, головите што му донесоа убава добивка беа постигнати во судиското продолжение. Тој одиграл дека Килмарнок и Абердин ќе дадат барем по еден гол, средбата заврши 2:1, а тимот на Бојан Миовски голот со кој го ублажи поразот го постигна во 91-вата минута.
Уште понеизвесно беше на средбата меѓу големиот фаворит ПСЖ и Стразбур, каде што Светците до победата дојдоа дури во петтата минута од продолжението, и тоа благодарение на голот на Килијан Мбапе од пенал. Среќата била со вевчанецот и на натпреварот помеѓу Монтего Беј и Чапелтон, кој се играше во рамките на првата лига во Јамајка. Обложувачот одиграл дека домашниот тим ќе постигне барем еден гол и на него чекаше до 85-тата минута.