18.8 C
Skopje
четврток, 17 јули 2025

Е. Пелистер никако да победи пред своите гледачи во Лигата на Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер и во четвртиот натпревар пред своите гледачи во салата „Боро Чурлевски“ во рамкте на Лигата на Европа не успеаја да ги израдуваат своите навивачи со победа.

Пелистерци вечерва одиграа 27:27 против португалскиот Агуаш Санташ и по осум кола имаат шест бода за четврто место на табелата во групата Д. Херој на битолчани беше голманот Марко Кизиќ, кој успеа во последните секунди да го одбрани шутот на Сантош.

Ова беше второ реми за Е. Пелистер пред своите гледачи во Лигата на Европа, а има и два порази, од Фуксе Берлин и Скандерборг Архус.

Сите 60 минути поминаа во израмнета игра, најголемата предност на двата тима изнесуваше три гола, Пелистер водеше со 7:4 во првиот дел, а гостите до три гола предност дојдоа во последните седум минути од мечот (21:24 и 22:25).

Во финишот, битолчани со серија од 3:0 дојдоа до израмнување на 25:25, но на четири минути пред крајот Фонтес погоди за 25:26. Е. Пелистер израмни преку Радовиќ, но во последната минута со гол предност влегоа гостите.

Жарко Пешевски на 40 секунди до крајот израмни на 27:27, а последниот напад го имаа гостите. Тогаш на сцена стапи голманот Марко Кизиќ, кој со одлична одбрана успеа да спречи пораз на Е. Пелистер.

Радовиќ со пет гола беше најефикасен кај Е. Пелистер, додека Пешевски даде четири гола.
Идниот вторник Е. Пелистер ќе му гостува на Фуксе Берлин во деветтото коло.

- Оглас -

Најнови вести