Е. Пелистер се огради од хулиганите за кои не треба да има место на трибините, веднаш се огласија и Чкембари  

Еден ден по големото ракометно дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, кое беше во сенка на навивачката војна на Комити и Чкембари, се огласи управата на битолчани, која ги осуди инцидентите во СЦ Јане Сандански.

Управата на Еурофарм Пелистер во соопштението до јавноста порача дека хулиганите не треба да бидат дел од трибините на спортските натпревари и се огради од дел од навивачите на битолчани.

Соопштението ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани љубители на ракометот,
РК Еурофарм Пелистер се оградува од вчерашното однесување на дел од навивачите и со резигнираност гледа кон настаните кои се случуваа вчера во спортската сала Јане Сандански. За нас тоа е крајно неприфатливо, нецивилизирано однесувањето на дел од ‘навивачите’ и на двете екипи. Oстанува нејасно како беше возможно во салата да се внесат пиротехнички материјали и други тврди предмети и како беше возможно одредени индивидуи да влезат на терен, со што беше доведен во опасност и животот на ракометарите, но и на другите присутни во салата.

Ние сметаме дека за такво однесување на спортските терени воопшто нема место. Според нас, тоа се само мала група индивидуи (не повеќе од 30-40 индивидуи) кои во текот на една сезона следат 4-5 натпревари (натпревари кои им се предизвик) и генерираат проблеми.
Тоа не се ниту вистински спортски навивачи и љубители на спортот. Тоа се индивидуи кои под дејство на алкохол или нешто друго го деградираат спортот, спортските навивачи, спортските клубови и навивачките групи на кои припаѓаат. Таквите индивидуи, кои ментно припаѓаат на некои времиња од минати векови воопшто нам не ни се потребни и не сакаме никаква подршка од нив, не му се потребни ниту на спортот и искрено се надеваме дека и вистинските навивачи и спортски подржувачи и двете навивачки групи исто така ќе се оградат од нив. Овие индивидуи кои спортскиот терен и објект го гледаат единствено како можност за промовирање на нецивилизирани дејанија, правење проблеми и негативно влијание на спортската игра и настан, воопшто не се потребни во спортот.

Како и во другите цивилизирани земји така и кај нас, крајно време е овие индивидуи да бидат идентификувани и да се донесат законски можности ним да им се забрани присуство на спортски натпревари на подолг временски период. Во спротивно, спортот, спортистите и останатите искрени спортски љубители ќе останат само заложници на дивеењето на поединци. Тоа е негативно за спортот, тоа ги одвлекува спонзорите да вложуваат во спортските екипи, тоа влијае негативно на спортистите при изборот на клуб и, се разбира, тоа е негативна и мошне грозна појава која не треба да ја гледаат младите генерации. Затоа сметаме и дека РК Вардар 1961 исто така јавно ќе се оградат од однесување на индивидуите кои се затскриваат зад навивачките групи и кои го негативизираат спортот, спортисктите и вистинските навивачи.

Однесување на вчерашниот натпревар на овие изолирани индивидуии и од двата табора го доведе во прашање и одвивањето на натпреварот. Можеби најисправна одлука ќе беше натпреварот да биде прекинат и да се одигра пред празни трибини. Но, тогаш повторно губитници ќе беа вистинските спортски навивачи и љубители на спортот и тогаш штетниците ќе ја постигнеа максимално својата цел иако и вака ја постигнаа. Нашата екипа, како што кажа тренерот, беше сосема различна екипа пред и по прекинот. Со тоа воопшто не сакаме да ја негираме или да ја намалиме вредноста на победата на РК Вардар 1961, напротив, сакаме само да потенцираме дека натпреварот можеби ќе имаше друг тек, ќе беше уште поквалитетен и ќе беше вистински празник на ракометот во буквална смисла. Вака негативците ставија голема дамка на ракометниот празник и настан. Таа негативна и црна слика за брзо се прошири и надвор од нашите граници. Тоа не го заслужува нашиот спорт, тоа не го заслужува македонскиот ракомет.

Уште еднаш напоменуваме, ова наше известување се однесува само за однесувањето и дивеењето на поединци кои можеби и не се дел од навивачките групи Чкембари и Комити и кои, според нас, не припаѓаат таму”, стои во соопштението.

Веднаш потоа се огласија и навивачите на Е. Пелистер, Чкембари, кои вината за инцидентите во СЦ Јане Сандански кои ја згрозија јавноста ја бараат кај организаторот и во полицијата.

„Вчерашното дерби го одбележаја низа инциденти, повторно истата приказни неколку ‘храбри’ комити криејќи се низ обичната публика со фрлање столчиња и други предмети испровоцираа реакција и од наша страна, буквално неколку пати досега ја користат најподлата техника за одбрана позната како ЖИВ ШТИТ.
И сето тоа досега никој ни да го спомни ни да го осуди, напротив, во медиумите ние сме оцрнети.

Не се коментира ни за повторно намерениот ‘пропуст’ по кој знае кој пат, слободно влегување в терен, но никако и со таква поддршка да се стигне до нас, зошто за тоа не е потреба страшна облека, фантомки и слично, тоа не се купва во продавница!
Стигнавме до полицијата…
Како да чекаа момент да се испразни салата, па јуришно тргнаа еден вод специјалци кон нас и буквално нè нападнаа без никаква причина, сите се чудевме од каде таква реакција, па дури и специјалците кои до тогаш беа околу нас, настана голем хаос во кој стотина навивачи паднаа еден врз друг и можеше да заврши трагично таквата неиспровоцирана реакција на полицијата.

По долго време во салата, полицијата повторно, БЕЗ НИКАКВА СЕЛЕКЦИЈА, почна да апси наши членови само колку визуелно да изгледа дека тие ја сработиле својата работа.
Сакаме да им се заблагодариме и на нашите браќа од Кавадарци, кои секогаш се со нас, во добро и во зло, па така и денес.
За крај, благодарни сме и на тие што им излегоа во пресрет на уапсените Чкембари.
Чкембари се неуништиви“, стои во соопштението на Чкембари.

Полицијата по вчерашното дерби приведе 18-мина навивачи. Притоа МВП соопшти дека дополнително во полициска станица ќе повика уште шест лица кои ги идентификувала.

- Оглас -

Најнови вести