Вардар покажа зошто е европски ракометен првак, откако победнички стартуваше и во новата сезона од Лигата на шампиони. Црвено-црните победија на гости кај Монпелје со 33:31, во меч кој беше неизвесен од почеток до крај.
Овој триумф е како реприза од минатата сезона, кога во првото коло Вардар славеше над Монпелје во Франција. Таа победа тогаш беше само најава за тоа што се случуваше до крајот на сезоната, кога македонскиот првак се искачи на европскиот трон. Да се надеваме дека годинава може да гледаме реприза од лани и на крајот на сезоната.
Првото полувреме на гостувањето кај Монпелје беше израмнето. Двете екипи по неколку пати се менуваа во водство. Вардар најмногу водеше со два гола предност (11:9), но со серија од 5:1 домаќините стигнаа до 14:12, за да на полувреме имаат предност од еден погодок (17:16).
И второто полувреме започна неизвесно. По серијата од 8:3, во 45 минута Вардар стигна до предност од 25:23, но потоа следеше серија на домаќините од 4:0, за превземање на водството (27:25 во 50 минута). Дека ќе биде неизвесно, Вардар покажа со нова серија погодоци, па на четири минути пред крајот, повторно го превзема водството 30:29.
Вардар водеше со 31:30, кога погоди Скубе за предност од два гола на 100 секунди до крајот, а Монпелје немаше време да се спаси од пораз. Токму Скубе со 8 гола беше најефикасен кај Вардар.