Српските фудбалери можеби пред Светското првенство во Катар требало да го посетат местото Кремна, каде има книга позната како „Кременско пророштво“ од таканареченото видовито семејство Тарабиќ.
Драган Пјевиќ кој живее во најмистериозното село во Србија и важи за добар толкувач на пророштвата, уште лани испрати порака до селекторот Драган Стојковиќ-Пикси и Орлите, но никој не го послуша.
Тој смета дека Србите на некој начин биле проколнати и казнети за оној гол на Кристијано Роналдо во Белград од квалификациите кој не беше признат, бидејќи судиите не видоа оти топката ја мина гол-линијата.
„Сетете се на оној гол на Роналдо во Белград кој не беше признат. Очигледно во прашање беше виша сила, судијата не виде дека топката ја мина гол-линијата и на некој начин беше скриено тоа што можеше да ја порази Србија. Уште тогаш кажав дека ако селекторот Стојковиќ верува во тоа што го кажав дека нè честеа со еден гол, и ако има мудрост, треба да го прифати тоа и да воспостави соработка со креманското пророштво, за да има успех во Катар. Но, тој не дојде. Нема ништо да додадам, видовме што се случи на Мундијалот“ – вели Пјевиќ.