Плејмејкерот на Атлетико Мадрид, Коке, верува дека еден ден и видеотехнологијата ќе биде на страната на Алваро Мората и со ВАР ќе се признае погодок кој го постигнал неговиот нов колега.
Мората во рок од десетина дена даде два важни гола против своите поранешни клубови, но радоста му траеше кратко бидејќи по прегледувањето на повторената снимка, двата гола му беа поништени, што предизвикува фрустрација кај напаѓачот, кој е желен за докажување пред фановите кои не го сакаат многу.
Синоќа Мората мислеше дека му донел предност на Атлетико од 1-0 против Јуве кога даде гол со глава, но по интервенцијата на ВАР, голот беше поништен поради фаул во напад. На градското дерби со Реал, Мората ја застресе мрежата за 2-2, но снимката покажа дека бил во минимален офсајд.
„Тој даде два гола кои му беа поништени, мора да се почитува одлуката на судиите, но верувам дека еден ден и ВАР ќе му признае гол на Алваро. Треба да работиме на тоа да постигнуваме повеќе голови, во случај ако ни се поништи некој“, рече Коке.