Беше репрезентативец на Македонија, дете е на Работнички, имаше и интернационална кариера, а сега го носи дресот на прволигашот Македонија ЃП. Голманот Ристе Јанков е гостин на „Спорт Манија“ во рубриката за хуманитарен тикет. Ќе се обиде да биде добитен и да ја донира добивката таму каде што е најпотребно во моментов.
Во првиот дел од сезоната, Македонија Ѓорче Петров не успеа да ја обезбеди посакуваната позиција на табелата во Првата лига. Имаше турбуленции, промени во кадровскиот дел од клубот, но надежите се дека во вториот дел од сезоната ќе биде подобро.

„На почетокот го имавме еден од најдобрите ростери во лигата. Очекувавме поуспешна полусезона, но по настанатата турбуленција и нестабилност, мислам дека и оваа ситуација не е толку лоша. Ако се средат работите и се стабилизира тимот, постои можност за поголем пласман и избегнување на најлошото“, вели Ристо Јанков за „Спорт Манија“.
Тој е поранешен репрезентативец. Како и сите Македонци, се надева дека нашиот национален тим може да направи чудо и да избори пласман на Светското првенство.
„Секако, тоа би бил неверојатен успех за фудбалот во Македонија и за целата држава. Со сето срце ќе навиваме за таков развој на настаните“, истакнува голманот на Македонија ЃП.
Ристе Јанков состави и хуманитарен тикет. Во најголем дел верува дека фаворитите ќе ја оправдаат улогата овој викенд на натпреварите низ Топ 5 лигите во Европа.


