Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер објави дека кружниот напаѓач Самоил Ристевски се здобил со скршеница на ногата и ќе отсуствува од терените во следните минимум 5-6 месеци.
„Победите, трофеите, тимскиот дух, навивачите…. се убавите работи, за жал покрај нив спортот носи и негативни моменти, порази разочарувања, повреди… Претходната и оваа година, наши млади играчи се здобија со тешки повреди. Покрај Ненад Костески кој успешно се опoрави од повредата на лигаментите и Цветан Кузманоски кој е во фаза на опоравување, Петар Атанасијевиќ со повреда на рамо, последен во низата е Самоил Ристевски, кој на денешното полуфинале на Ф4 турнирот за младински шампион на Македонија заработи скршеница на ногата и по извршениот оперативен зафат ќе отсуствува 5-6 месеци. Со желба за брзо опоравување на Самоил и Цветан и враќање во уште посилни ракометари психички и физички, се надеваме дека вакви повреди во иднина ќе го заобиколат нашиот клуб. САМОИЛ СО ТЕБЕ СМЕ!!!“, објавија пелистерци.
Тешката повреда на пикерот се случи во многу лош момент, утре младинскиот тим на Е. Пелистер игра финале на младинското првенство, а ова се многу лоши вести и за селекторот на младинците, Раде Стојановиќ, кој нема да смета на Ристевски за настапот на СП летово во Полска. Ристевски е еден од најголемите македонски таленти и ова ќе биде сериозен хендикеп за репрезентацијата.