Евертон и Тотенхем вечерва го отвораат 32-то коло во Премиер лигата, а дуелот на „Гудисон парк“ ќе биде посиромашен со отсуството на еден од најдобрите напаѓачи во Англија сезонава, Доминик Калверт-Луин.
Голгетерот на Карамелите се здоби со повреда на колкот пред четири дена во ремито без голови против Брајтон, поради што ќе биде надвор од терените најмалку уште седум дена. Покрај англискиот напаѓач, Анчелоти не може да смета ниту на голманот Пикфорд, ниту на Дукуре, а неизвесни за настап се и Гомес и Алан.
Евертон прилично десеткуван ќе го пречека Тотенхем во обидот да се стави крај на лошата серија од четири лигашки меча без триумф, па затоа потешка ќе биде мисијата да се оствари двоен триумф над Петлите бидејќи Калверт-Луин беше човекот кој ги освои бодовите за Евертон во првата овосезонска пресметка на овие две екипи, која се одигра во првото коло.
Инаку, Калверт-Луин сезонава се истакна со 14 лигашки погодоци, кои своевремено го држеа на врвот на листата на стрелци во Премиер лигата, а во вкупно 32 меча бележи 19 гола.