Македонија убедливо со 5:0 славеше над Лихтенштајн во меч од квалификациите за Светско првенство 2026. Со овие три бода Македонија повторно е лидер во групата каде најголеми ривали ни се Белгија и Велс.
Вчера на арената „Тодор Проески“ пет различни фудбалери дадоа голови за Македонија, но посебен момент беше влегувањето на Решат Рамадани во игра.
Фудбалерот на Шкендија на теренот се појави во 71 минута кога влезе на местото на Исник Алими. За Рамадани ова беше дебитантски настап во репрезентативниот дрес на Македонија и сигурно ќе го памти цел живот.
Освен што ќе се памти дека Рамадани дебитирал против Лихтенштајн, тој влегова и во историјата на македонската репрезентација и тоа како 300-ти играч кој заиграл за Македонија.
Од првиот меч во октомври 1993 година, до сега, Рамадани е точно 300-тиот играч кој дебитирал за Македонија.
Низ историјата се памети дека Драган Сиљановски и Димитар Капинковски се на делба на 99 и 100, откако двајцата како дебитанти биле стартери против Катар во 2001 година. Честа да биде 200-ти дебитант во македонскиот дрес му има припаднато на Едис Јаховиќ, кој дебитираше против Словенија на пријателската средба во 2012 година. Сега, на оваа листа се приклучи Рамадани кој од синоќа е 300-тиот дебитант кој заиграл во македонската репрезентација.
На претходниот меч против Саудиска Арабија дебитираа Лука Станковски како стартер и тој беше 298-ми игра и Елмин Растодер кој влезе во второто полувреме е на 299 место на играчи кои заиграле за сениорскиот тим на Македонија.