Еден пораз за двоен зијан – Барти испадна на Роџерс купот и го губи првото место на ВТА

Ешли Барти доживеа незгоден пораз во раната фаза на популарниот Роџерс куп во Канада и сега првата позиција на ВТА листата и е загрозена.

Американката Софија Кенин одигра храбро против актуелната шампионка на Ролан Гарос и со пресврт ја елиминира на престижниот турнир во Торонто.

Барти го доби првиот сет во тај-брејк, но противничката успеа да биде подобра во следните два сета со 6:3, 6:4 за победа и тоа прва во кариерата против тенисерка што е број 1 на светот.

Сега Наоми Осака има шанса да се врати на врвот во женскиот тенис, ако вечер ја победи Германката Татјана Марија. Барти речиси сигурно нема да остане прва на ВТА листата, бидејќи шанса да ја симне од врвот има и Каролина Плишкова, ако стаса до полуфиналето на турнирот.

Во серијата изненадувања спаѓаат и елиминациите на седмата носителка Слоун Стивенс од 21-годишната чешка тенисерка Мери Бузкова и на деветтата фаворитка на турнирот Арина Сабаленка по поразот од Анастасија Пављученкова.

- Оглас -

Најнови вести