Словенечкиот напаѓач и ѕвезда на бундеслигаш Лајпциг, Бењамин Шешко, е на чекор до трансфер во Арсенал, но преговорите наидоа на неочекуван застој. Ова откако 21-годишниот голгетер инсистира во договорот со Топчиите да се вклучи откупна клаузула, и тоа со точно дефинирани услови.
Шешко веќе ги договорил личните услови со лондонскиот клуб, но сега бара во договорот задолжително да стои клаузула која ќе му овозможи да си замине за износ само 20% повисок од трансферната сума што Арсенал ќе му ја плати на Лајпциг. Бундеслигашот очекува околу 68,5 милиони фунти за играчот, што значи дека откупната клаузула би била поставена на околу 82 милиони фунти – сума што не делува невозможна за европските гиганти.
Шешко зад себе има извонредна сезона 2024/25, постигна 21 гол за Лајпциг, од кои четири беа во Лигата на шампионите. Иако Арсенал покажува сериозен интерес, инсистирањето на Шешко за ваков тип клаузула јасно укажува дека младиот напаѓач сака да ја задржи контролната моќ над својата кариера, дури и ако тоа значи комплицирање на преговорите.
Во моментов клучното прашање е дали спортскиот директор на Арсенал, Андреа Берта, ќе се согласи со барањата на Словенецот или ќе ја насочи својата потрага кон друга цел, шведскиот голгетер Виктор Ѓокереш.