Бразилскиот дефанзивец на Реал Мадрид, Едер Милитао, е многу блиску до враќање на терените по сериозната повреда на предните вкрстени лигаменти. Како што пренесува „АС“, Милитао има големи шанси да се најде во тимот за натпреварот против Јувентус, што би значело негово враќање по точно 234 дена пауза.
Реал Мадрид постепено го комплетира ростерот пред новата сезона. На дуелот против Салцбург, Антонио Рудигер се врати на терен по операцијата на менискусот која ја направи во април. Германскиот стопер беше стартер и одигра цел натпревар, иако кон крајот почувствува грчеви. Со неговото враќање, тренерот Чаби Алонсо доби уште една важна опција во одбраната, што отвора можност за формација со тројца централни дефанзивци.
Сега на ред е Милитао. Тој се рехабилитираше од втора слична повреда за нешто повеќе од една година. Среќна околност е што повреденото колено е различно од претходното, што дава поголеми шанси за целосно опоравување. Иако му беше предвиден подолг период на опоравување, Бразилецот повторно успеа да го забрза процесот и се врати на тренинзите само 195 дена по операцијата.
Милитао веќе ги минува сите етапи од физичката подготовка и тренира со полн интензитет. Постои реална можност да биде вклучен во тимот за натпреварот со Јувентус во вторник, а ако околностите дозволат, би можел да запише и свои први минути по повеќемесечна пауза.