Голманот Едерсон Мораеш ќе остане во англискиот премиерлигаш Манчестер сити, и покрај тоа што британските медиуми го поврзуваа со трансфер во саудиското првенство ова лето, пренесува „Скај Спортс“.
„Мојата иднина е тука. Пријателите често ми праќаат линкови со вести за мене, но во 99% од случаите тие се целосни измислици. Тие што ги пишуваат го прават тоа само за да добијат лајкови на социјалните мрежи. Поголемиот дел од тие работи се лажни вести“, изјави Едерсон, кој минатата сезона одигра само 26 натпревари во Премиер лигата.
„Моето место е во Манчестер сити и ќе дадам сѐ од себе повторно да ја освоиме Премиер лигата. Сакаме трофеј и во Лигата на шампионите. Целосно сум посветен на клубот“, додаде тој.
Сити го донесе Едерсон од Бенфика за 35 милиони фунти пред осум години. Неговиот договор истекува следното лето, а моментално се проценува на околу 20 милиони фунти.