Голманот на Манчестер сити и на репрезентацијата на Бразил, Едерсон, откри дека постојат големи шанси Карло Анчелоти да стане нов селектор на Кариоките.
Оваа вест Едерсон ја објави при собирот на репрезентацијата на Бразил пред пријателскиот натпревар против Мароко.
„Зборував со Каземиро, Винисиус и Милитао и според тоа што го дознав, постојат големи шанси Анчелоти да стане селектор на Бразил. Ми рекоа дека е посебен, специјален тренер, дека сите го обожуваат и дека е многу успешен. Ќе видиме наскоро што ќе се случи“, изјави Едерсон.
Голманот исто така изјави дека не постојат никакви шанси неговиот тренер во Сити, Пеп Гвардиола, да стане селектор на Кариоките.
„Се обидов да се пошегуавам со него, но тој ми рече дека нема никакви шанси за такво нешто. Пеп неодамна потпиша нов договор со Сити. Ние фудбалерите сме оптимисти кога станува збор за новиот селектор и се надевам дека наскоро сè ќе биде познато“, додаде Едерсон.