14.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025

Еди Хау дочека со Њукасл да го победи Сити, херој е Харви Барнс (Видео)

Неверојатен спектакл се одигра вечерва во Њукасл. Домашниот тим успеа да го совлада Манчестер Сити со 2-1 во дербито на 12-тото коло од Премиер лигата, при што двете екипи приредија фантастичен фудбал. Тоа е прв триумф за Еди Хау против Манчестер сити, како менаџер на Њукасл.


Херој на Чавките беше Харви Барнс, кој постигна два гола, откако претходно се посрамоти со голем промашување. За Сити единствениот погодок го постигна Рубен Дијаш.


Бидејќи претходно Ливерпул неочекувано загуби дома од Нотингем Форест, може да се каже дека Арсенал е најголемиот победник на денот, иако својот дуел со Тотенхем го игра дури утре. Топчиите со натпревар помалку имаат +4 во однос на Сити и +8 пред Ливерпул. На второто место сега е Челзи, со три бода помалку.

Во првите 45 минути се редеа шанси на двете страни. Њукасл прв се закани, Донарума му одбрани два зицера на Волтемаде, а Барнс во 31-та минута промаши празен гол.
Потоа и Сити возврати, Халанд и Фоден не реализираа огромни шанси, и Граѓаните не успеаја да казнат.

Темпото по паузата беше уште поинтензивно, па головите беа неизбежни.


Во 63-тата минута Барнс и Бруно Гимараеш со брза акција ја надмудрија одбраната на Сити по грешката на О’Рајли. Барнс шутираше прецизно од 17 метри и го совлада Донарума, за 1-0.


Сити веднаш нападна за израмнување и го оствари само пет минути подоцна.
По корнерот на Шерки, акцијата се разви преку Докy и повторно Шерки, а Дијаш силно стрелаше од околу десет метри, за 1-1.


Но радоста на гостите траеше само две минути. Во 70-тата минута, по акција што почна со обид на Тонали директно од корнер, Њукасл создаде нова шанса. По центаршутот од десната страна, Волтемаде ја префрли топката со глава, Гимараеш ја погоди гредата, а Барнс реагираше најбрзо и од неколку метри ја испрати топката во мрежата, за конечни 2-1.

И покрај обидите на Сити да се врати во натпреварот, Њукасл издржа и стигна до голема победа.

- Оглас -

Најнови вести