Менаџерот на Њукасл, Еди Хау, призна дека во клубот има многу проблеми и дека летото беше тешко за клубот. Тој ја коментираше ситуацијата околу Александер Исак. Напаѓачот не тренира со тимот бидејќи сака да замине и има желба да се пресели во Ливерпул. Во овој момент Њукасл не го пушта, а неговата иднина е неизвесна.
„Не мислам дека ова е здраво за нас. Не негирам дека е голем предизвик“, изјави Еди Хау за шпекулациите околу иднината на Исак.
„За мене, Алекс е еден од најдобрите напаѓачи во светот, ако не и најдобриот. Неговото отсуство од составот остава огромна празнина. Кога играч кој е толку добар не е дел од групата, тешко е за останатите играчи да разберат што точно се случува и како да реагираат. Со текот на времето, во составот се прифаќа дека ова е тимот и треба да го извлечеме најдоброто од ситуацијата“, истакна тој за „Би-би-си“.
„Беше стресно лето. Не е идеално да се делува без извршен директор и без спортски директор. Ова е необична динамика за нас. Поврзувани сме со многу играчи, некои ги доведовме, со други не успеавме. Задоволни сме од играчите што ги донесовме. Мислам дека тимот е подобар по последните нови засилувања“, сподели Еди Хау.
Според англиските медиуми, Александер Исак е решен повеќе да не игра за Њукасл. Клубот се обидува да донесе негова замена, а последното име кое се најавува е Душан Влаховиќ од Јувентус.