Арсенал е единствениот клуб кој сезонава може да се пофали дека во групната фаза од Лигата на Европа заврши со шест победи од шест меча и сосема заслужено заврши како лидер во својата група. Топчиите за противници ги имаа Молде, Рапид Виена и Дандалк и на крајот по шесте меча, имаше исто толку победи со гол-разлика 20 дадени и само пет примени гола.
Ниту еден друг клуб од 48 учесници во групната фаза во ЛЕ немаше стоотстотен биланс. Најблиску до тоа беше Хофенхајм, кој заврши со пет победи и едно реми. Германскиот тим не победи само на гостувањето кај Црвена ѕвезда. Трет со најголем број поени беше Баер Леверкузен, кој имаше пет победи, но и пораз од Славија во Прага во групата.
Во Лигата на шампионите, каде што имаше 32 клуба во групната фаза, ниту еден тим не беше перфектен. Најблиску до тоа беа актуелниот првак Баерн Минхен и Манчестер сити, кои во своите групи завршија со 16 од можните 18 бода. Баерн киксираше само на гости кај Атлетико Мадрид кога одигра 1:1, а Сити одигра без голови кај Порто. Барселона имаше пет од пет, но во последното коло загуби од Јувентус и не само што не остана перфектна, туку на крајот беше и второпласирана во својата група.
Затоа, од вкупно 80 клубови кои беа дел од двете најтрофејни натпреварувања на УЕФА, Арсенал е единствениот перфектен. Топчиите блеснаа во Европа, но имаат голем проблем во домашното натпреварување. По 11 одиграни меча во Премиер лигата, Арсенал има само четири победи, едно реми и дури шест порази, па со 13 освоени бода моментно е на 15-тото место на табелата, само три позиции од зоната за испаѓање.