Изминатиот викенд светот беше шокиран од трагедијата што се случи во Индонезија, каде што за време на натпреварот меѓу Арема и Персебаја загинаа 125 лица.
Иако првично беше објавено дека загинале 174 лица, еден ден подоцна индонезиските власти соопштија дека за време на нередите на стадионот „Канјурухан Маланг“ загинале 125 лица, од кои една четвртина се деца.
„Според последните податоци со кои располагаме, од 125 загинати, 32 се деца, а најмалото од нив има две или три години“, соопшти министерството за жени и социјална заштита на Индонезија.
Денеска фудбалерите и управата на Арема беа на стадионот „Канјурухан Маланг“, каде што положија цвеќе во чест за загинатите.
„Дојдовме како тим за да бараме прошка од семејствата на погодените од оваа трагедија, од тие што ги загубија најмилите и тие кои сè уште се наоѓаат во болница“, изјави тренерот на Арема, Хавиер Рока.
Хаосот на стадионот започна по последниот свиреж на судијата, навивачите тогаш влегоа на теренот, а полицијата употреби солзавец, што предизвика паника и стампедо во кое некои од жртвите се задушиле, а некои биле прегазени.