Академија Пандев нема пораз против Шкендија повеќе од една година, а денеска ќе го тестира победничкиот рецепт против актуелниот шампион и лидер на табелата во Првата лига.
Струмичани и тетовци го играат дербито на 26-тото коло од 15.30 часот, заедно со уште четири натпревари кои ќе почнат во истиот термин.
Интересно, и двете екипи имаат серија од три победи во домашното првенство, а Академците на Пандев се непоразени на последните три меѓусебни дуели и се едни од најнезгодните ривали за Шкендија на домашната сцена.
Со триумф, Шкендија ќе стигне многу блиску до нова титула, а домаќините веројатно би го завериле пасошот за Европа.
Најтрофејниот македонски клуб Вардар ќе ѝ биде гостин на Победа во Охрид и чека шанса и кикс на Шкендија за да се доближи на пет бодови до лидерот. Секако, на „црвено-црните“ им треба триумф за таков расплет, а Победа мора да оди на победа ако сака да ја продолжи битката за опстанок. Ова е една од последните шанси на прилепчани за приклучок со Беласица и Силекс, барем за освојување на осмото место и гарантиран бараж со екипа од второлигашката конкуренција за опстанок во Првата лига.
Интересно ќе биде и во Тетово, на дуелот меѓу Ренова и Шкупи, а меч за опстанок во Кратово ќе играат Силекс и Македонија Ѓорче Петров.
Во Скопје, Работнички ќе се обиде да ја прекине серијата од четири меча без победа против Беласица.
Двојки, 26-то коло, денеска од 15.30 часот:
Академија Пандев – Шкендија
Победа – Вардар
Ренова – Шкупи
Силекс – Македонија Ѓ.П.
Работнички – Беласица
Табела: Шкендија 56, Вардар 48, Академија Пандев 45 (еден меч помалку), Ренова и Шкупи по 33, Работнички 32, Македонија Ѓ.П. 30, Силекс 24, Беласица 22, Победа 18 (еден меч помалку).