Една од најдобрите скијачки на сите времиња, Лара Гут-Бехрами, би можела да ја заврши кариерата оваа зима, поради тешка повреда што ја доживеа неодамна на тренинг.
Гут-Бехрами, која има 34 години, падна на тренингот за супервелеслалом на Копер Маунтин и потоа се врати во својата татковина, Швајцарија.
„Првичните прегледи на лице место укажуваат на повреда на левото колено“, соопшти Швајцарската скијачка федерација, додавајќи дека 34-годишната скијачка ќе се врати во Швајцарија за понатамошни медицински прегледи.
Весникот „Блик“ откри дека станува збор за повреда на менискус и кинење на вкрстените лигаменти на коленото, како и потрес на мозокот што го доживеала Швајцарката.
Таа уште пред еден месец најави дека е можно наскоро да ја заврши кариерата, а оваа тешка повреда, според многу извори, ќе ја забрза нејзината одлука, и веројатно повеќе нема да ја гледаме на патеката.
„Не оставам ниту еден отворен прозорец. Ги отворам вратите за нови нешта во мојот живот“, изјави таа пред почетокот на сезоната во Зелден кон крајот на октомври.
Гут-Бехрами е олимписка шампионка во супервелеслалом од 2022 година во Пекинг, а освои бронза во спуст во Сочи 2014 година и во велеслалом во Пекинг 2022 година, кога ја освои и златниот медал.
Освои два Големи кристални глобуси како лидерка во пласманот на Светскиот куп и седум Мали кристални глобуси по дисциплини. Забележа 48 победи и дури 101 пат се искачи на победничкиот пиедестал.
Во Кортина д’Ампецо 2021 година освои два златни медали, во супервелеслалом и во велеслалом.
Заедно со Микаела Шифрин и со Линдзи Вон, многумина ја сметаат за најдобрата скијачка на сите времиња.

