Една од најискусните македонски кошаркарки, вечерва последен пат игра за репрезентацијата

Вечерашното гостување (почеток 19 часот) во Рига против Украина, ќе биде последен меч за женската кошаркарска репрезентација на Македонија во квалификациите за Европското првенство, и последен настап за 30-годишната Нена Трајчевска во дресот на националниот тим.

Македонската селекција одамна нема шанса да се најде на Евробаскетот, а и вечерва ќе биде поразена, прашање е само со колку поени разлика, во Sport Life основната хендикеп граница е поставена на 27,5 поени разлика.

Трајчевска би брани државните бои од 2010 година, а по 15 години играње во националниот тим одлучи да стави крај на репрезентативната кариера.

„Очекувам како и секогаш да дадеме сѐ од себе за боите на овој дрес. Но, највеќе од сѐ сакам да уживаме, поготово што мене ќе ми е последен натпревар за репрезентацијата. Оваа одлука ја донесов заради големиот физички напор и повредата која ме мачи веќе подолго време и не сум на ниво кое е потребно да ѝ помогнам на екипата. После 15 години активно играње за сите генерации, си одам со многу незаборавни поминати предизвици и најубави спомени со девојките кои сме израснале заедно, како кошаркарки и уште поважно како девојки и жени“, вели Трајчевска.

Таа им се заблагодари на сите соиграчи, тренери и работници кои биле дел од нејзиниот пат, а на младите им посака да ги надминат резултатите на нејзината генерација.

„Честа и гордоста што сум ги носела на теренот како Македонка, се секогаш главните емоции кои ме воделе и се надевам дека истото го пренесов на младите девојки, да ја преземат лидерската улога и да почнат да освојуваат многу поголеми врвови од тоа што оваа наша генерација има направено. Јас со целото мое срце верувам дека тоа е возможно, само да им се дадат вистински услови на овие девојки да се развиваат и да се натпреваруваат на ова ниво. Секогаш ќе ја имаат мојата поддршка, без разлика што како играч нема да сум до нив на теренот“, додава Трајчевска.

- Оглас -

Најнови вести