Уште помалку од една година останува до Светското фудбалско првенство во Катар. овој Мундијал ќе биде уникатен затоа што за прв пат ќе се организира во ноември и декември, а не како што беше во претходните 80 години, кога се играше во јуни и јули.
Планетарниот собир во Катар е закажан од 21 ноември до 18 декември, период во кој традиционално во европските лиги се играат домашните натпреварувања, но и мечевите во натпреварувањата на УЕФА.
Уште сега е јасно дека најголемите европски лиги ќе мора да го променат календарот за сезоната 2022/23, а прва реагираше Холандија. Шампионатот во Холандија ќе стартува на 30 јули, а есенскиот дел ќе заврши на 13 ноември.
Потоа ќе следи пауза од еден и пол месец, за да може репрезентацијата на Лалињата да се фокусира на Мундијалот. Продолжувањето на првенството е планирано за 6 јануари 2023 година, што значи дека зимската пауза ќе трае речиси два месеци, а не како што е традиционално овој период да има пауза од две недели.
Останува да видиме дали и останатите големи европски лиги ќе се решат за промена на календарот, затоа што повеќе од јасно е дека во ноември и декември нема да може да се игра врвен клупски фудбал.