Црвена ѕвезда синоќа на убедлив начин го победи Пјуник, со 5:0, и на тој начин речиси сигурно си обезбеди место во плејофот за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. Српскиот првак потоа дури и да биде елиминиран од плејофот за ЛШ, ќе обезбеди место во групната фаза од Лигата на Европа.
Тоа значи дека Црвена ѕвезда со убедливиот триумф над Пјуник, едноставно си обезбеди европска есен, што носи и голема заработка од УЕФА. Ако го елиминира Пјуник, а тоа е повеќе од очекувано, Црвена ѕвезда ќе инкасира 11 милиони евра. Тоа се пет милиони евра за пласман во плејофот, а потоа ако биде елиминиран во ова натпреварување, ќе добие 3,6 милиони евра за групната фаза во Лигата на Европа, плус 2,5 милиони евра како бонус за коефициентот што го има во Европа.
Ако Ѕвезда успее да се пласира во групната фаза од Лигата на шампионите, гарантирана ќе ѝ биде сума дури од 20,3 милиони евра, односно речиси двојно повеќе од тоа што би добила со настап во групите од Лигата на Европа.
Црвена ѕвезда едноставно на вистински начин ги искористува сите понудени бонуси на УЕФА за успешни настапи во Европа.