Англискиот напаѓач Хари Кејн беше фудбалерот кој најмногу шутирал кон противничките голови во Лигата на нациите, но не успеа да постигне ниту еден гол. Гордиот Албион со победа од 4-0 над Исланд го заврши циклусот во групата 2 од Лига А, а една од причините што Англија го освои само третото место беше недостатокот на голови.
Пред да го разбијат Исланд, Англичаните имаа дадено само три гола во пет кола. Тоа е премалку за тим кој во своите редови има опасни офанзивци, меѓу кои се истакнува Кејн. Голгетерот на Тотенхем, кој сезонава на клупски план игра феноменално и делува незапирливо, во дресот на националниот тим не го дава истиот придонес.
Кејн во шесте кола против Белгија, Данска и Исланд, шутна 24 пати, повеќе од кој било друг фудбалер во елитната групна фаза од Лигата на нации. Но, од тие 24 шута, ниту еден не заврши во голот.