Едвај завршија – Кингс по три продолженија го урнаа Кралот и Лос Анџелес лејкерс (Видео)

Лос Анџелес лејкерс и Сакраменто кингс го одиграа најдолгиот меч сезонава во НБА лигата и по три продолженија славеа гостите со 141:137.

Деарон Фокс беше јунакот во големата победа на Кингс во меч што траеше 3 часа и 15 минути и заврши доцна утрово, а почна во 4.30 часот.

Бекот на Сакраменто постигна 34 поени со 8 асистенции и шест скока, а тој му донесе на својот тим најпрво израмнување на 100:100 во регуларниот дел со кош на 22 секунди до крајот.

Потоа Бади Хилд успеа во првото продолжение да израмни на 112:112 со поени на 3.6 секунди до крајот, а интересно е што и во двата случаи Леброн Џејмс промаши удари за тројка и за победа во последните моменти.

Токму Кралот на кошарката не дозволи пораз на Лејкерс во второто продолжение и израмни на 124:124, но потоа немаше спас и за него и за Езерџиите кои загубија со четири поени разлика.

Џејмс уфрли 30 поени и имаше 11 асистенции и 7 скока, а Расел Вестбрук забележа трипл-дабл од 29 поени, 11 асистенции и 10 скока, но и тоа не помогна да се избегне поразот.

Извонреден меч одиграа ланските финалисти, Феникс санс и го декласираа Њујорк никс со 118:97 што им е 15-та победа по ред.

Сонцата сега се на само три победи до клупскиот рекорд од 18 триумфи во низа.

Резултати: Л.А. Лејкерс – Сакраменто 137:141 (по три продолженија), Шарлот – Минесота 133:115, Њујорк – Феникс 97:118, Орландо – Чикаго 88:123, Индијана – Торонто 114:97, Мемфис – Атланта 100:132, Оклахома – Вашингтон 99:101, Сан Антонио – Бостон 96:88, Денвер – Милвоки 109:120, Јута – Њу Орлеанс 97:98, Голден стејт -Портланд 118:103.  

- Оглас -

Најнови вести