Доаѓањето на Лионел Меси во Интер Мајами се покажа како фантастичен потег за тимот не само на маркетиншки план туку и на резултатски. Аргентинецот буквално преку ноќ од лузерски тим, го направи Интер Мајами во шампионски тим.
Пред доаѓањето на Меси, Интер Мајами имаше очајни резултати, на последните десет натпревари победи само еднаш, и тоа против екипата на Бирмингам која настапува во втората лига на САД.
Но, со доаѓањето на Меси, како и на неговите соиграчи од Барселона, Жорди Алба и Серхио Бускетс, Интер Мајами е непобедлив и стана шампионски тим. Екипата се наоѓа во серија од осум победи по ред и притоа освоија еден трофеј, тој во Лига купот на САД. Утринава победија и во САД опен купот и се пласираа во финалето.
Меси на осумте меча постигна десет гола и имаше три асистенции.
Сега навивачите се надеваат дека Аргентинецот ќе успее да направи ново чудо, да го однесе Интер Мајами и во разигрувањето за титулата во МЛС-лигата. Интер Мајами на 16 кола до крајот на регуларниот дел од сезоната, се наоѓа на последното место во својата конференција дури со 14 бода помалку од деветтото место, кое носи пласман во плејофот.