Барселона по 20 години, прв пат не успеа да ја помине групната фаза во Лигата на шампиони. Каталонскиот гигант синоќа загуби од Баерн Минхен со 3:0, а со победата на Бенфика против Динамо Киев (2:0), ја испрати Барселона на третото место во групата и наместо во Лигата на шампиони, ќе игра во нокаут фазата од Лигата на Европа.
Последен пат Барселона играше во второто по ранг натпреварување на УЕФА пред 17 години односно во сезоната 2003/04. Следната сезона на „Камп Ноу“ се појави Лионел Меси и Барселона секогаш беше дел од Лигата на шампиони. Пред почетокот на оваа сезона Меси реши да си замине од каталонскиот гигант и што се случи?
Барселона одигра очајно во групната фаза во Лигата на шампиони. Во шест меча даде само два гола и тоа беше премалку да игра во нокаут фазата. Каталонците во првата сезона без Меси, повторно ќе играат во второто по ранг натпреварување на УЕФА. Пред 17 години тоа се викаше Купот на УЕФА, а сега е Лигата на Европа.
Со Меси во тимот, Барселона четири пати стана и европски првак, последен пат тоа беше во 2015 година.