-0.2 C
Skopje
среда, 21 јануари 2026

Егзон Белица се врати во Работнички и ќе му помогне на тимот во битката за опстанок

Поранешниот капитен на Работнички, Егзон Белица, официјално се врати во редовите на клубот од Дебар Маало и ќе го носи црвено-белиот дрес во вториот дел од сезоната. Искусниот дефанзивец повторно ќе биде дел од тимот во период кога на Романтичарите им се најпотребни искуство и стабилност, со оглед на тешката борба што ги очекува за опстанок во Првата македонска фудбалска лига.

Белица минатата сезона беше еден од клучните играчи на Работнички и како капитен го предводеше тимот до пласман на европската сцена, што беше значаен успех за клубот. По тој настап, тој реши да ја прифати понудата од актуелниот шампион Шкендија и се пресели во Тетово, каде што помина шест месеци.

По разделбата со Шкендија, 35-годишниот дефанзивец донесе одлука да се врати во познатата средина и повторно да му помогне на Работнички во клучниот дел од сезоната. Неговото враќање се смета за големо засилување, особено поради лидерските способности, искуството и познавањето на клубот и средината.

Егзон Белица денеска веќе го одработи и првиот тренинг под водство на тренерот Муарем Муарем, со што јасно стави до знаење дека е подготвен веднаш да се стави во функција на тимот.

По првиот дел од сезоната, Работнички се наоѓа на претпоследното место на табелата само со седум освоени бода, а во продолжението од шампионатот го очекува исклучително тешка и неизвесна битка за опстанок во елитното друштво. Враќањето на Белица треба да донесе дополнителна сигурност во одбраната и мотивација во соблекувалната, во обид клубот да ја избори својата примарна цел.

- Оглас -

Најнови вести