ЕХФ конечно одлучи: Алкалоид го освои трофејот во ЕХФ Европскиот куп!

Европската ракометна федерација конечно донесе одлука околу одложениот реванш-натпревар од финалето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу македонскиот претставник Алкалоид и грчкиот клуб АЕК Атина.

Натпреварот што требаше да се одигра во СЦ „Борис Трајковски“ е регистриран со службена победа од 10-0 за тимот од Автокоманда, откако АЕК не се појави на теренот. Со ова, Алкалоид го освојува престижниот трофеј во ЕХФ Европскиот Куп со вкупен резултат од 39-25, по победата од 29-25 во првиот меч во Атина.

Грчкиот тим сноси одговорност за непојавувањето и со тоа директно ги прекрши прописите на ЕХФ. Федерацијата конечно реагираше и го потврди исходот во корист на македонскиот клуб.

Сепак, одлуката не е целосно позитивна за „сините“ од Автокоманда. ЕХФ најави дека ќе следуваат санкции против Алкалоид поради непочитување на регулативата за обезбедување билети за гостинските навивачи. Судот на ЕХФ допрва ќе донесе конечна одлука околу евентуалните казни.

Ова е прв европски трофеј за Алкалоид и голем успех за македонскиот клупски ракомет, кој повторно покажува дека има место во врвот на европската сцена.

- Оглас -

Најнови вести