Европската ракометна федерација, ЕХФ, не го прифати барањето на репрезентацијата на Босна и Херцеговина за одложување на квалификациските дуели со Германија и Австрија, иако имаат голем проблем со заразени играчи од корона-вирус.
Утре против Германија на гостински терен и во недела дома против Австрија, Босанците ќе мора да играат само со 10-мина ракометари и еден голман.
„ЕХФ уште еднаш се посрамоти. Па повеќе има фудбалери во еден тим на терен отколку ние здрави репрезентативци за настап на два важни дуели во квалификациите за настап на Европско првенство. Ова е досега невидено. Но, колку нè газат, ние ќе излеземе посилни. Ќе се бориме до последен атом на силите и ќе дадеме 300 отсто“, изјави Бењамин Буриќ.
Тој ќе биде единствениот голман на БиХ на двата стартни дуели во квалификациите за настап на ЕП 2022.