Музафер Ејупи со одличен удар со глава ја погоди пречката на голот на Риека во 48-мата минута, а одбиената топка во голот на гостите ја смести Мирко Мариќ за победа од 2:1 на Осиек.
Македонскиот интернационалец влезе во игра на почетокот на второто полувреме, а само 120 секунди подоцна по неговиот удар Осиек го постигна голот за победа, кој може да значи и настап во Лигата на Европа.
За Риека, која веќе има обезбедено настап во вториот по вредност европски куп, не играше Дарко Велкоски поради повреда.
Осиек сега треба да освои само еден бод на двата последни натпревари во ХНЛ, а ќе игра против директниот ривал Горица, која заостанува за шест бода, и со Интер Запрешиќ.
Ејупи сезонава малку играше поради бубрежна инфекција, но со потегот денеска може да биде еден од клучните играчи за нов европски настап на Осиек.