Младиот кинески фудбалер Жуо Џиншајн, кој своевремено беше член на Баерн Минхен, односно на нивната „светска екипа“, за време на еден интернационален проект доживеа страшна несреќа.
За време на тренинг-меч во Шпанија, Жуо добил удар со колено во лицето, по што ги загубил мозочните функции и има минимални шанси да преживее. Тимот на Биџи Гуан играл против Алкобендес, кога еден противнички играч со колено го удрил Жуо во лицето. Тој удар се покажал како фатален.
Кинескиот фудбалер веднаш бил пренесен во болница, но очигледно дека ударот предизвикал големи повреди на мозокот.
„За време на тренинг-меч е удрен со колено во лицето, па веднаш бил пренесен во болница. Од преведувачот во болницата разбрав дека докторот констатирал дека мојот брат има премногу крвавења во главата и мали се шансите да преживее. Од болницата планираат да ги исклучат апаратите кои го одржуваат во живот“, вели братот на несреќниот кинески фудбалер.
Од кинеските медиуми се наведува дека семејството на Жуо ќе го тужи Кинескиот фудбалски сојуз затоа што играчите не биле осигурани и воопшто нема да ги покријат трошоците за лечење на фудбалерот додека е во болницата.