Поранешниот фудбалер на Барселона, Мунир Ел Хадади, успеа да го напушти Иран откако оваа земја беше нападната од САД и Израел во саботата. Тоа што требаше да биде едно рутинско патување, се претвори во трка со времето за Ел Хадади, а неговите блиски луѓе опишуваат со што се соочил овој играч.
„Бил во авионот заедно со Иван Санчес и сè било подготвено авионот да полета. Сепак, во последен момент се слушнала наредба: „Сите излезете, има воздушни напади“. Морале да се симнат од авионот, летот бил откажан, а планот уништен“, раскажуваат за весникот „Марка“ блиску луѓе на фудбалерот.
За да може да си замине од Иран, на Мунир му бил обезбеден автомобил и возач, па следувало патешествие од 16 часа пред да стигне до турската граница. За среќа, тој безбедно си заминал од Иран, а во Турција следува план за тоа како побрзо да се врати во Шпанија.
Мунир не е единствениот Шпанец кој игра во Иран. Таму е и голманот Антонио Адан и Иван Санчес. Министерството за надворешни работи на Шпанија ги советувало вкупно 158-те шпански државјани кои се во Иран да заминат од земјата додека ситуацијата не се смири.
Според иранската агенција ИСНА ,најмалку 200 луѓе загинаа, а повеќе од 700 се повредени во нападите над Техеран и останатите градови во Иран.
Мунир Ел Хадади во текот на кариерата играше за Барселона, Валенсија, Хетафе, Севилја, Лас Палмас, Леганес, Алавес, а од 2025 година потпиша за тимот на Естегхлал во Иран.

