Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Хосе Гутиерес, или попознат како Гути, се наметна како прв фаворит за преземање на клупата на грчкиот прволигаш Арис. Гути во мај годинава се раздели со Бешикташ, каде што една година работеше како асистент на Шенол Ѓунеш, а сега има шанса за првпат во својата тренерска кариера да прифати посериозен предизвик во улога на главен тренер.
Како што известуваат шпанските медиуми, раководството на Арис веќе воспоставило контакт со Гути и во следните неколку дена би требало да го добијат одговорот од ексиграчот на Кралевите. Позицијата на сегашниот предводник на Арис, Савас Пантелидис, е загрозена по слабите резултати на тимот во изминатиов период.
Минатата сезона Арис заврши на петтата позиција и обезбеди учество во квалификациите во Лигата на Европа, каде што во третото коло беа елиминирани од Молде. По две кола во грчкото првенство, Арис и натаму трага по првата победа, иако во текот на летото беа ангажирани 11 нови играчи од кои се очекуваат многу подобри настапи, а челниците на клубот сметаат дека токму Гути може да го извади најдоброто од овој тим.