Поранешниот француски велосипедист Марк Мадио тврди дека Новак Ѓоковиќ треба да биде суспендиран бидејќи веднаш не се согласил да направи комплетен допинг-тест.
Новак за време на завршниот турнир од Дејвис купот, само на 90 минути пред мечот со Камерон Нори во четвртфиналето, доби известување дека мора да оди на допинг-контрола.
Ѓоковиќ изјави дека непосредно пред мечевите има свој „ритуал“ и не сака кога во такви моменти му се одвлекува вниманието и поради тоа не направи целосна допинг-контрола, туку ја остави за по мечот. Најчесто допинг-тестовите се прават по мечевите.
Но, поранешниот учесник на Олимлиските игри смета дека правилата морало да се почитуваат.
„Имаме правила кои велат дека допинг-контролите се прават пред и по натпреварувањата. Тој одби да се тестира пред мечот и доколку антидопинг-телото си ја работи својата работа, Ѓоковиќ мора да биде суспендиран. Одби да се тестира пред мечот и тоа го стори по него. Во велосипедизмот кога сте избрани да одите на допинг -контрола, ако одбиете да го сторите тоа, тестот се смета како позитивен. Доколку сте позитивни на допинг-тестот, тогаш сте и суспендирани. Правилото вели дека немате право да одбиете тестирање“, изјави Мадио.