32.8 C
Skopje
вторник, 23 септември 2025

Експедицијата на Барселона остана гладна на Златната топка, па Јамал купил хамбургери за сите

Откако свечено беше доделена Златната топка во Париз, која оваа година му припадна на Усман Дембеле, фудбалерите на Барселона беа гладни и со голема желба за нешто за јадење. Како што се ближело времето за враќање, а никој речиси ништо не јадел, младата ѕвезда Ламин Јамал презел иницијатива.

Со неколку соиграчи и пријатели, тој отишол по хамбургери за сите присутни, откри претседателот на клубот Жоан Лапорта.

Лапорта со насмевка ја раскажа анегдотата, која го отсликува духот на младиот играч и надвор од теренот.

„Ламин беше многу среќен, се шегуваше по гала-вечерта. На полноќ дојде кај нас со хамбургери за сите бидејќи речиси ништо не јадевме и сите бевме многу гладни. И, морам да кажам, хамбургерите беа одлични“, рече претседателот.

До самото прогласување на победникот, дури и експедицијата на Барселона немаше поим кој ќе ја освои главната награда.

„Не знаевме кој ќе победи. Ги прашавме сите – Иниеста, Роналдињо, Чеферин… Никој не знаеше. Дури ни високи официјални лица од Франција“, додаде Лапорта.

Ламин Јамал беше еден од главните фаворити за Златната топка заедно со Дембеле, но на крајот заврши на второто место. Соиграчот од Барселона, Рафиња, го зазеде петтото место.

Како и минатата сезона, претставниците на Реал Мадрид не присуствуваа на церемонијата. Лапорта, сепак, не влегуваше во подлабока дебата за одлуката на ривалскиот клуб.

- Оглас -

Најнови вести