Навивачите на Бетис конечно дочекаа победа над градскиот ривал во првенствен меч. Севиља немаше пораз уште од 2018 година на меч од „Ел Гран дерби“, но вечерва на „Бенито Виљамарин“ славеше Бетис и тоа со пресврт.
Севиља дојде во водство во 17-тата минута преку Рубен Варгас, но радоста на гостите траеше само осум минути, бидејќи Џони Кардосо во 25-тата минута израмни на 1-1.
Конечните 2-1 за Бетис беа поставени во третата минута од судиското продолжение на првото полувреме, кога Кучо Ернандес во гол ја претвори одличната топка која ја доби од Иско.
Бетис последен пат победи против Севиља во првенствен меч во 2018 година, кога на домашен терен славеше со 1-0. Сепак, Бетис во овие седум години има и една победа во Купот на Шпанија, во 2022 година, кога славеше со 2-1.
Денешниот дуел на Бетис и Севиља беше вкупно 143-ти меѓусебен, а Севиља е далеку поуспешна со 66 победи, додека за „зелено-белите“ ова беше 41-виот триумф.