Ел Класико го одложија, но ноќеска има Супер Класико – Спектаклот е на „Бомбонера“ во Буенос Аирес

Бока јуниорс и Ривер плејт ноќеска во 2:30 часот по полноќ ќе играат во Супер Класико, во Буенос Аирес. Двата најтрофејни клуба во Аргентина ќе играат во реванш мечот од полуфиналето на Копа Либертадорес. Овој куп е пандан на Лигата на шампиони во Европа.

Бока ќе игра на свој терен, но Ривер е тимот кој има предност од 2:0 стекната по првите 90 минути кои се играа на „Монжуик“. Нема сомнеж дека Бока ќе нападне од првата минута во реваншот, бидејќи нема многу што да калкулира. Домаќините едноставно мора да постигнат два гола, ако сакаат да се надеваат дека ќе се изборат за место во финалето.

Тренерот на Бока, Алфардо Густаво вели дека ова ќе биде меч „за живот или смрт“, додека стратегот на Ривер, Марсело Гаљардо има сосема поинакво мислење. Гаљардо потенцираше дека „мечот на кариерата“ му бил во Мадрид, мислејќи на ланското финале во Копа Либертадорес, кога Ривер по продолженија ја победи Бока и стана континентален првак.

„Мечот на кариерата за мене беше тој во Мадрид. Овој меч е многу важен и е уште еден голем предизвик за нас, но ништо повеќе од тоа“, рече Гаљардо.

Лани во финалето се играа два меча. На првиот дуел на кој Бока беше домаќин беше 2:2, а потоа реваншот мораше да се игра во Мадрид, бидејќи се случија немири и беа нападнати играчите на Бока при доаѓањето на стадионот на Ривер. На неутрален терен во Мадрид, по 90 минути беше 1:1, па се играа продолженија, во кои Ривер даде два гола и на крајот се радуваше на триумф од 3:1.

 

- Оглас -

Најнови вести