1.8 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026

Ел Класико во Суперкупот на Шпанија: Реал го доби мадридското дерби (Видео)

Реал Мадрид обезбеди пласман во финалето на Суперкупот на Шпанија, откако во Џеда со 2-1 го совлада градскиот ривал Атлетико Мадрид. Кралевите ја продолжија победничката серија и го запишаа петтиот триумф по ред во сите натпреварувања, што добива уште поголема тежина ако се знае дека дојде токму против тимот на Диего Симеоне.

Иако Атлетико упати дури 21 удар кон голот на Куртоа, наспроти само осум на Реал, ефикасноста и квалитетот повторно беа на страната на тимот на Чаби Алонсо.

Натпреварот едвај започна, а Реал веќе водеше. Федерико Валверде во втората минута постигна спектакуларен гол од слободен удар од речиси 30 метри. Раниот погодок ја отвори играта, па шанси се редеа на двете страни: Облак ги одбрани обидите на Родриго и Винисиус, додека Куртоа брилјираше против Баена и Сорлот.

Почетокот на второто полувреме целосно му припадна на Реал. Во 55-тата минута Валверде асистираше, а Родриго со одлично движење се ослободи од чуварот и сигурно погоди за 2-0.
Но, Атлетико брзо возврати. Симеоне проби по десната страна и прецизно го пронајде Александер Серлот, кој со глава намали на 2-1.

Следеше силен притисок на Атлетико, во игра влезе и Гризман, Куртоа повторно беше на висина на задачара, а Љоренте во неколку наврати не успеа да го казни својот поранешен клуб. Натпреварот доби и тензична нота по вербалниот дуел меѓу Винисиус јуниор и Диего Симеоне, но и покрај иницијативата на Атлетико, резултатот не се промени.

Реал Мадрид ја сочува предноста до крај и се пласираше во финалето, каде ќе се соочи со Барселона, која убедливо го елиминира Атлетик Билбао со 5-0.

- Оглас -

Најнови вести