Ел Тигре пристигна дома, ќе грми од емоции на „Ванда Метрополитано“

Ел Тигре пристигна во Мадрид, а вечерва сигурно ќе биде поздравен со громогласни аплаузи од навивачите на Атлетико, иако ќе им биде противник со Монако во меч од Лигата на шампионите.

Радамел Фалкао ќе биде главна закана за голот на домаќините, а и да ја затресе мрежата на Јан Облак, домашните симпатизери нема да се лутат.

„Пристигна Ел Тигре. Тој е вечно во нашите срца и ќе биде поздравен како еден од хероите на Атлетико Мадрид“, велат симпатизерите на популарните „јорганџии“.

Фалкао играше две сезони во Атлетико Мадрид и остави траен печат во клубот. На 68 меча постигна неверојатни 52 гола, а имаше неколку импресивни фудбалски достигнувања.

Веднаш во првата сезона, 2011/12, Колумбиецот со прекрасни игри и голови ги освои срцата на симпатизерите на Атлетико. Беше прв стрелец на тимот во Лигата на Европа и имаше огромен придонес во освојувањето на трофејот во финалето во Букурешт против Атлетик Билбао.

Речиси на секој меч во европското натпреварување постигнуваше најмалку по еден гол, а во финалето двапати беше стрелец за победа од 3-0 и помогна да се освои пехарот на УЕФА. Стана првиот фудбалер во историјата што успеал во две сезони по ред да биде победник со два различни клуба во Лигата на Европа (Порто и Атлетико Мадрид).

Пристигна како најскап играч во историјата на Атлетико Мадрид од Порто за сума од околу 50 милиони евра, вклучувајќи ги и бонусите и како што велат во клубот, вредеше за сите пари.

Во август 2012 година постигна хет-трик против Челзи во Суперкупот на УЕФА за триумф на Атлетико од 4-1 и стана првиот играч со три гола во дуелите на европскиот првак против освојувачот на Лигата на Европа во новиот формат што се игра и сега.

„Ќе има многу емоции вечерва. По долго време се враќам во Мадрид и се радувам на средбата со сите пријатели што ги имам во Атлетико. Верувам дека на терен ќе бидеме поуспешни и дека Монако ќе победи“, изјави Фалкао.

Играч што ќе биде во фокусот на вниманието вечерва на „Ванда Метрополитано“ од 18.55 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести