Агон Елези беше еден од адутите на селекторот Благоја Милевски на дуелот против Италија. Играчот од среден ред кој настапува во хрватскиот Вараждин беше стартер против актуелниот европски првак и ги одигра сите 90 минути.
Сега Елези се очекува да биде во стартната комбинација и на утрешниот меч против Малта, а тој верува дека по средбата, трите бода ќе завршат на контото на Македонија.
„Против Малта треба да победиме. Овој меч е сосема поинаква приказна од тоа со Италија. Овојпат ние треба да наметнеме свое темпо, свој ритам и да потврдиме дека резултатот против Италија не беше случаен. Нормално дека ќе биде потешко, треба да играме со топка, да направиме многу шанси, но јас не се сомневам во овие момци, кои покажаа дека може да се носат со секаков притисок. Уверен сум дека ќе го дадеме максимумот за да стигнеме до позитивен резултат, а тоа се три бода. Утре да покажеме дека Македонија вреди, дека Македонија има квалитет“, е пораката од Елези пред дуелот со Малта.