Македонската фудбалска репрезентација ги има последните подготовки пред утрешниот меч против Хрватска на стадионот „Рујевица“ во Риека. Дефанзивниот играч за врска Агон Елези четири години настапуваше во Хрватска за тимот на Вараждин и добро го познава менталитетот на Коцкестите.
Иако Хрватска е голем фаворит, Елези најавува голема борба на утрешниот контролен меч.
„Драго ми е што повторно сум со момците во репрезентацијата, се подготвуваме на највисоко ниво и навистина е предизвик што се соочуваме со Хрватска, селекција која беше бронзена на последното Светско првенство. Секогаш сме мотивирани кога играме за Македонија и така треба да се однесуваме и на терен. Да ги почитуваме задачите од селекторот и да се надеваме на позитивен резултат”, порача Елези од Риека.