Елиф Елмас одигра одличен меч против Удинезе и заслужено доби место во најдобриот тим во Серија А за 15-тото коло. Македонскиот репрезентативец даде гол, а имаше и асистенција во триумфот на „Диего Армандо Марадона“ од 3:2.
Елмас само вторпат сезонава ги одигра сите 90 минути за Наполи и покажа дека е во одлична форма и дека заслужува многу поголема минутажа од таа што ја имаше во досегашниот дел од сезоната. Елиф погоди за водство од 3:0, а претходно имаше асистенција за погодокот на Осимен. На крајот, македонскиот репрезентативец заработи одлична оценка од 8,2.
Интересно е дека на овој меч во Неапол, гол постигна уште еден македонски репрезентативец. Илија Несторовски влезе како резерва за Удинезе и постигна гол за гостите.