Елиф Елмас е многу блиску до официјализирање на договорот за негово враќање во Наполи.
Лајпциг и Наполи ги преговараат последните најситни детали околу договорот и ако нема некој неочекуван пресврт, македонскиот фудбалер повторно ќе го облече дресот на италијанскиот првак.
И тренерот Антонио Конте дал зелено светло, го сака Елмас, кој може да игра на повеќе позиции. Самиот Елмас веќе донел одлука да се врати во Наполи, го сака клубот, на „Инстаграм“ профилната слика уште му е со шампионскиот пехар кој го освои со Наполи во 2023 година.
Најголема пречка е што Лајпциг не сака да го позајми Елмас, туку сака трајно да го продаде. Во Наполи го бараат Елиф на позајмица од една сезона и веруваат дека ќе успеат да изнајдат решение, веројатно од типот позајмица со обврска за целосен откуп на договорот следното лето.
Елмас последната полусезона ја мина во Торино, даде четири гола за овој тим, а по завршувањето на сезоната се врати во Лајпциг, со кого има валиден договор. Лајпциг му плати 25 милиони евра на Наполи за Елмас во декември 2023 година.